Велигден ќе го славиме со постоечките мерки, внимателно и со маски во затворените простори, истакна алтернативната министерка за здравство на Грција Мина Гага во интервју за грчката новинска агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина.
Гага вели дека „по две години здравствени, социјални и економски притисоци, сите имаме потреба да се опуштиме“, но потенцира дека е потребна внимателност и индивидуална одговорност.
-Контролата на пандемијата од самиот почеток се заснова на индивидуалната одговорност, паралелно со колективната и политичката. Без придонесот на секој од нас, не може да се постигне управување со пандемијата. Во нашата земја, поголемиот дел од населението уште од почетокот покажа високо чувство на општествена свест и индивидуална одговорност, придржувајќи се до мерките и вакцинирајќи се, вели алтернативната министерка за здравство.
Објаснува дека не може да се предвиви дали во иднина би се појавила нова мутација, ниту пак може да се предвиди крајот на пандемијата.
Министерот за здравство на Грција, како што вчера објави МИА, соопшти дека од 1 мај, привремено, за летниот период се укинува сертификатот за вакцинација или прележан Ковид-19, како и задолжителниот тест за невакцинираните за влез во сите простори во внатрешноста на земјата, додека за правилата за патување во земјата, дополнително ќе се донесе одлука.