Грците, во нивното секојдневие, изразуваат поголема загриженост за зголемувањето на цените, отколку за пандемијата и мнозинството сметаат дека е потребно Владата да донесе дополнителни мерки за справување со поскапувањата, согласно резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Pulse“ за грчката телевизија „Скај“, јави дописничката на МИА од Атина.

Од анкетираните, 85 отсто изразиле загриженост за зголемувањата на цените на електричната енергија и на производите, за 45 проценти најголем проблем е струјата, додека пак мерките што досега ги воведе Владата, за 45 отсто се во погрешна насока, а за речиси четворица од десет (38 проценти) се во правилна насока, но потребни се и други мерки.

Пандемијата предизвикува загриженост за 54 отсто од анкетираните, а 77 отсто изразуваат загриженост за последиците од војната во Украина.

На политичката сцена, Нова демократија и понатаму е во предност пред СИРИЗА, но разликата е намалена на 8,5 отсто, додека пак 45 проценти од анкетираните се против предвремени парламентарни избори и сметаат дека изборите треба да се одржат регуларно, следната година, кога ѝ завршува мандатот на актуелната Влада, а тројца од десет одговориле дека подобро е избори да има до лето.

Истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Pulse“ за грчката телевизија „Скај“ било спроведено од 27 до 29 март, со анкетирани 1.207 граѓани со право на глас.