По шест месеци заклучување, Грција тргна да се отвори. Предвидени се три фази: терасите на рестораните ќе се отворат на 3 мај, а училиштата ќе започнат со работа на 10 мај. И, од 15 мај, патниците кои имаат потврда дека биле целосно (со обете дози) вакцинирани против корона или имаат негативен ПЦР тест, се повторно добредојдени – и повеќе не треба да бидат во карантин.
Кога владата во Атина донесе одлука на почетокот на ноември минатата година да воведе заклучување (напуштањето на становите беше можно само од одредени причини и со дозвола за која се известува со СМС, беше воведен ноќен полициски час, применети строги ограничувања за патувања, училишни часови само преку Интернет итн) бројот на дневни инфекции беше под помалку од 2.500, а бројот на пациенти на одделите за интензивна нега беше половина помалку од сега. Прашањето е зошто земјата се отвора во моментов? Но, никој всушност не го поставува тоа прашање – дури ни опозицијата, која инаку постојано ја обвинува владата за тотален неуспех во борбата против пандемијата.
Причината: по шест месеци заклучување, трпението на луѓето е исцрпено, а егзистенцијалните стравувања на оние кои шест месеци не работеле во неколку важни индустрии се огромни. Како резултат, терасите на кафулиња, баровите и рестораните сега повторно се отвораат. И туризмот, најважниот извор на приход во земјата, исто така може да стартува. Властите сметаат на три клучни фактори: вакцинација, (само) тестирање и добро време, рече премиерот Кирјакос Мицотакис во телевизиско обраќање.
Потенцијалните туристи во Грција треба да брзаат: оние што ќе се решат да дојдат во мај имаат единствена можност да ги доживеат знаменитостите на сосема поинаков начин. На пример, Акрополот во Атина во овој период од годината (под „нормални“ околности) прима над 15.000 посетители на ден – во моментов е скоро празен со помалку од 1.000 туристи на ден. Со години, бидејќи постои масовен туризам, никој – освен неколку шефови на држави, чии посети на „светиот рид“ од време на време беа затворени за јавноста – не видел ваков Акропол.
Експериментот, спроведен од грчката туристичка индустрија со помош на 188 холандски туристи на Родос, беше помалку идиличен: од 14 до 18 април, тие беа заклучени во хотел, во контакт едни со други – но без пристап до други луѓе на островот. Се покажа дека ова навистина може да ја контролира ситуацијата со инфекцијата. Ова и олесни на грчката влада да го отвори островот за посетители.
Друга важна улога при отворањето имаше одлуката за вакцинирање на сите жители на бројните помали острови во Грција. Приоритет за вакцинација е поставен на острови со помалку од 10.000 жители. Сите жители треба да бидат вакцинирани што е можно поскоро, така што нивниот остров, исто така, може да им се претстави на туристите како „COVID-free“, односно „остров без корона“.
Од 15 мај, љубителите на Грција ќе можат повторно слободно да се движат низ целата земја. Само тие нема да можат да уживаат во познатиот грчки ноќен живот. Иако треба да се „помести“ почетокот на полицискиот час од 21 до 23 часот, тој сè уште не е целосно укинат.
Исто така е нејасно кога ќе може повторно да се ужива во културата на Грција. Засега не се планира повторно отворање театри, концертни сали, клубови или летни кина. Забранета е музика во живо во таверни до ново известување – иако грчките уметници исто така очајно чекаат можност да заработат нешто повторно.
Засега, сите нивни надежи се изневерени, како и надежите на оние Грци кои оваа година сакаа да го прослават Православниот Велигден надвор од своите четири ѕида. Грчкиот православен Велигден е на 2 мај – и многумина во грчките градови се надеваа дека конечно ќе можат повторно да одат на село по забраната за патување за Божиќ.
Но, владата донесе одлука против ублажување на мерката, поради страв од повторно појавување на нови инфекции. Отворањето на туризмот е приоритет и не треба да биде загрозено на кој било начин: оваа индустрија генерира 25 проценти од бруто домашниот производ на Грција.
Православната црква се обидува барем малку да го ублажи разочарувањето од неуспешното славење на Велигден: Светиот синод неочекувано флексибилно одлучи да ја премести велигденската миса од полноќ до 21 часот и да ја пренесе службата во дворовите на црквите. Така, пред да стапи на сила полицискиот час, луѓето можат да ја земат велигденската светлина запалена на миса и заедно да се кршат со традиционалните црвени велигденски јајца – иако без вообичаени бакнежи во образите со познаници и странци. Анти-корона мерките едноставно не го дозволуваат ова.