Средба во Нук меѓу гренландските власти и американски пратеник

Владата на Гренланд соопшти дека разговорите со САД на високо ниво бележат напредок, но ставот за сопственоста на островот останува непроменет.

Во Нук вчера пристигна американскиот специјален пратеник Џеф Ландри, назначен од претседателот Доналд Трамп, а денеска се сретна со премиерот Јенс-Фредерик Нилсен и министерот за надворешни работи Муте Егеде.

По средбата, премиерот Нилсен нагласи дека дијалогот се одвива во конструктивна насока.

„Сметаме дека има напредок и од гренландска страна сме фокусирани на наоѓање решенија кои се добри за сите нас. Најважно е што заканите за анексија, преземање или купување на Гренланд и гренландскиот народ не се случија“, изјави Нилсен.

Јасни црвени линии и геополитички тензии

Пратеникот Ландри засега нема официјално соопштение, но за локални медиуми изјави дека е во посета за „да слуша и да учи“.

Прашањето за евентуално американско преземање или купување на Гренланд и натаму предизвикува тензии меѓу Вашингтон и Копенхаген, како и пошироко во Европа.

Министерот Муте Егеде порача дека позицијата е недвосмислена.

„Тие побараа средба, а ние ја објаснивме нашата позиција и нашите црвени линии – нема да го продадеме Гренланд, ние ќе го поседуваме засекогаш“, истакна Егеде.

Паралелно, САД настојуваат да го зајакнат своето воено присуство на островот, кој е вклучен и во плановите за одбранбениот систем „Златна купола“, а веќе имаат и активна база „Питуфик“.