Толпа ја пречека со овации на аеродромот
Шведската климатска активистка Грета Тунберг синоќа пристигна во Грција, каде беше пречекана со овации од поддржувачи и активисти. Таа, заедно со стотици други, беше приведена на отворено море и депортирана од Израел поради обид да достави хуманитарна помош во Појасот Газа.
Израел депортирал 171 активист, меѓу тие е и Грета Тунберг
Израелските власти соопштија дека протерале вкупно 171 активист, меѓу кои и Тунберг, со што бројот на депортирани лица се искачил на 341 од 479 приведени. Флотилата на активистите се обидела да ја пробие поморската блокада и да достави хуманитарна помош до Газа. Според грчкото Министерство за надворешни работи, 161 активист долетал во Атина, меѓу кои 27 Грци и граѓани на уште дваесетина земји.
„Таму се случува геноцид“, изјави Тунберг
Пред насобраните граѓани во Атина, Тунберг изјави: „Сакам да бидам многу јасна – таму се случува геноцид. Нашите меѓународни системи ги предаваат Палестинците и не се во можност да ги спречат најлошите злосторства.“ Таа додаде дека целта на флотилата била да реагира таму каде што владите не ја исполниле својата законска обврска.
Израел ги негира обвинувањата
Израел ги одби тврдењата дека врши геноцид и оцени дека акцијата на активистите е медиумска кампања во корист на Хамас. Од Министерството за надворешни работи на Израел соопштија дека сите законски права на учесниците биле почитувани и дека единствен инцидент бил кога активист гризнал докторка во затворот Кециот. Неколку швајцарски и шпански активисти, пак, тврдат дека биле изложени на нехумани услови – лишени од сон, храна и вода, како и физички малтретирани, што Израел категорично го негира.