Американскиот претседател Доналд Трамп остро ја нападна шведската климатска активистка Грета Тунберг, нарекувајќи ја „проблематична и луда“, по нејзината депортација од Израел заедно со стотици пропалестински активисти.
„Таа е едноставно проблематична. Повеќе не се занимава со животната средина, а сега се впушти во ова? Има проблем со контролата на гневот, мислам дека треба да посети лекар. Млада е, а толку лута, толку луда,“ изјави Трамп пред новинарите во Овалната соба, пренесе Скај њуз.
Тунберг, која по депортацијата слета во Атина со група од 161 активист од речиси 20 земји, брзо реагираше преку социјалните мрежи, користејќи ироничен тон во одговорот до американскиот претседател.
„Ја ценам загриженоста на Трамп за моето ментално здравје, откако уште еднаш ги сподели своите многу ласкави мислења за мојот карактер,“ напиша Тунберг. „Трамп, љубезно би ги примила сите препораки што би можеле да ги имате за решавање на овие таканаречени ‘проблеми со управување на гневот’, бидејќи, според вашето импресивно искуство, изгледа и вие страдате од нив,“ додаде таа.
Шведската активистка беше дел од флотила на бродови со која група активисти се обидела да достави хуманитарна помош до Појасот Газа. По интервенција на израелските власти, сите учесници биле уапсени и подоцна депортирани. Израел потврди дека во акцијата биле опфатени вкупно 341 активист, меѓу кои и Тунберг.