Нападите врз енергетските објекти во Украина предизвикуваат ново ниво на хуманитарни потреби за населението, изјави денеска шефот на агенцијата за хуманитарни прашања на ОН, Мартин Грифитс, изразувајќи стравувања дека ќе има ново раселување на населението кое ќе остане без греење во текот на зимата.
„Продолжените напади врз енергетската инфраструктура на Украина од октомври создадоа ново ниво на потреба што влијае на целата земја и го зголемува товарот на потребите предизвикани од војната“, рече Грифитс пред Советот за безбедност на ОН.
Тој додаде дека обемот на уништување на електричната и грејната инфраструктура бара зголемена поддршка за украинската влада, поголема од она што може да го обезбедат хуманитарните организации, истакнувајќи дека милиони луѓе останале без греење, струја и вода, додека температурите може да паднат до минус 20 степени.
„Во Украина е загрозен капацитетот на цивилите да преживеат“, рече Грифитс.
Тој предупреди дека се гледаат ризиците од нови раселувања во услови кога 14 милиони луѓе се раселени од војната (6,5 милиони внатре во Украина и 7,8 милиони бегалци во другите европски земји).
Хуманитарната агенција на ОН минатата недела објави повик за рекордна помош за 2023 година поради зголемените хуманитарни потреби во светот, погоден од конфликтот во Украина и климатските промени.