Заболените се регистрирани во 11 градови, најмногу во Куманово
Во периодот од 24 до 30 ноември 2025 година, односно во 48. недела, во Македонија се пријавени 114 нови случаи на грип и заболувања слични на грипот, покажуваат најновите податоци на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Според анализата, тоа претставува зголемување од 25,3 отсто во однос на претходната недела.
Во споредба со истиот период од минатата сезона, бројот на заболени е повисок за 75,4 проценти, а во однос на моделот од последните 15 сезони, е регистрирано зголемување од 2,7 проценти.
Од ИЈЗ истакнуваат дека случаите оваа недела се регистрирани во 11 Центри за јавно здравје и подрачни единици: Куманово – 49, Струмица – 16, Штип – 11, Тетово – 9, Гостивар – 7, Прилеп и Кавадарци – по 6, Македонски Брод – 5, Неготино – 3, додека Радовиш и Скопје имаат по еден случај.
Сезоната 2025/2026: Вкупно 776 заболени
Во тековната сезона, бројот на пријавени случаи на грип и заболувања слични на грипот изнесува 776. Во споредба со истиот период минатата сезона, тоа претставува зголемување од 70,9 проценти, а според 15-годишниот модел на ИЈЗ, бројот е повисок за 25,9 проценти. Кумулативно, заболени се регистрирани во 15 ЦЈЗ/ПЕ. Најмногу случаи се забележани во Гостивар, додека највисока кумулативна инциденца има на територијата на Македонски Брод.
Според распределбата по возрасни групи, најголем број заболени – 584 лица – се во групата од 15 до 64 години, која го сочинува најголемиот дел од населението.
Институтот за јавно здравје потсетува дека вакцинацијата против сезонски грип останува најефикасна мерка за заштита од болеста.
