Ракометарите на ГРК Охрид и во реванш-натпреварот од четвртфиналето на ЕХФ Европскиот куп одигран вечерва на домашен терен го совладаа Олимпијакос со 25:24 (14:12), обезбедувајќи пласман во полуфиналето.

Пред околу три илјади гледачи во преполната сала „Билјанини извори“, охриѓани беа за нијанса подобар тим и на крајот заслужено се радуваа на победата.

Натпреварот беше тврд и неизвесен. Гостите од Грција беа поефикасни во второто полувреме и дури имаа водство од еден гол неколку минути пред крајот, но домаќините не дозволија пресврт и со победа го потврдија успехот остварен во првиот меч во Атина.

Најистакнати во редовите на Охрид беа голманот Филиповиќ со десет одбрани, Иванковиќ со девет голови и Јагуриноски со четири погодоци.

Тренерот Борис Роевиќ по натпреварот истакна дека очекувале тежок дуел и дека оваа сезона конкуренцијата во Европскиот куп е особено силна.

„Пред крајот малку го смиривме натпреварот, по тајм-аутот, на крајот остваривме уште една победа, што ми е мошне мило. Иако минуваме понатаму, поинаку е да се оди со победа и да се израдува оваа прекрасна публика. Им честитам на момците за феноменалната борба, ова е огромен успех за нас и ќе се обидеме да не застанеме тука“, рече Роевиќ.

Капитенот Гоце Ојлески за следниот предизвик изјави дека полуфиналето против словенечкиот Целје Пивоварна Лашко ќе биде голем тест.

„Целје знаеме каков клуб е и што значи во европскиот ракомет. Имаат млади и квалитетни играчи што играат брз ракомет. Треба да одмориме и да се подготвиме што подобро“, рече Ојлески.

Анте Иванковиќ нагласи дека поддршката од публиката била клучна.

„Пред ваква публика секогаш е полесно да се игра. За дуелот со Целје, клучен ќе биде првиот натпревар таму, кој ќе покаже каде сме и што можеме“, изјави Иванковиќ.

Во полуфиналето, Охрид ќе се соочи со Целје Пивоварна Лашко, а првиот натпревар ќе се игра на гостински терен.

Натпреварот во „Билјанини извори“ го водеа судиите Мандак и Рудински од Словачка. На трибините немаше гостински навивачи, како што и на првиот натпревар во Пиреја немаше македонска публика.

Охридската публика беше на високо ниво – без провокации и со спортско навивање, давајќи силна поддршка за големиот успех на клубот.