Ракометарите на ГРК Охрид направија голем чекор кон полуфиналето во ЕХФ Европскиот куп, откако во Атина го победија Олимпијакос со 31:26 во првиот четвртфинален натпревар. Ова е седма победа во низа за македонскиот тим, кој има максимален учинок во натпреварувањето.
Охриѓани од стартот го наметнаа ритамот и во текот на целиот натпревар ја контролираа играта. Домаќинот ниту еднаш не поведе, а резултатот беше израмнет само трипати (1:1, 3:3 и 4:4). Гостите потоа постепено ја зголемуваа предноста, па во финишот на првото полувреме имаа и +6 (14:8), а на пауза заминаа со водство од 15:10.
Во второто полувреме Охрид сигурно ја одржуваше предноста, која најчесто изнесуваше четири голови разлика. Значајна улога имаше голманот Кристијан Пилиповиќ со 15 одбрани, особено во клучните моменти, додека нападот функционираше стабилно.
Најефикасен кај Охрид беше Николаос Лиапис со 7 голови, додека кај Олимпијакос се истакна Савас Савас со 14 погодоци.
Реваншот ќе се игра на 4 април во СЦ „Билјанини извори“ во Охрид, со почеток во 18 часот.
Во другите четвртфинални дуели од ЕХФ Европскиот куп, Цеље го совлада Бузау со 41:32, Татабања и Нилфер одиграа нерешено 31:31, а вечерва се игра натпреварот Извиѓач – Карвина.
