Вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска побара истрага на повеќе нивоа против „пучистите“ од Судскиот совет по обидот да ја разреши сопствената претседателка Весна Дамева.
Стручњаците реагираа дека не е запазена законската процедура и испочитуван деловникот при разрешувањето на Весна Дамева од позицијата претседател на Судскиот Совет, а за тоа се уште е неизвесно кој ќе утврдува.

Од скопското обвинителство велат дека ги следат случувањата во Судскиот совет, но предмет велат евентуално би се отворил откако одлуките формално би биле објавени во Службеник весник.

„Ваквото однесување на членовите на Судскиот совет е срамно не само за нив туку и за државата. Телото кое е задолжено да ја оценува работата на судиите и судовите во земјава, мора да биде пример за професионалност и законито работење. Јавно прашувам, со кој кредибилитет ќе продолжи ваквиот Судски совет да носи одлуки?
Кој би бил нивниот кредибилитет како судии? Уште повеќе, очекувам надлежните институции да покренат постапки на повеќе нивоа, зошто одмолчувањето и игнорирањето ќе значи сериозно дерогирање на целото општество“, реагираше Грковска денеска на социјалните мрежи.