Фудбалски натпревар во Тајланд заврши со трагедија откако гром удри на теренот и усмрти 24-годишен играч. Во инцидентот, уште 12 фудбалери се здобиле со повреди и изгореници.

Несреќата се случила за време на регионалниот турнир „Голок куп“ на стадионот „Сантипап“ во провинцијата Наративат. На теренот во моментот на ударот играле аматерски екипи од Тајланд и Малезија.

Снимка од натпреварот го прикажува моментот кога силен блесок од гром го осветлува теренот додека играчите се натпреварувале под силен дожд. Веднаш потоа избувнал пламен и се создал облак од чад, предизвикувајќи паника меѓу фудбалерите и гледачите, кои почнале да бегаат од теренот.

Сафван Авае по ударот останал без свест. Неговите соиграчи и присутните веднаш се обиделе да го реанимираат, по што тој бил пренесен во болница во критична состојба. И покрај укажаната медицинска помош, подоцна им подлегнал на повредите.

„Иако медицинскиот тим направи сѐ за да му го спаси животот, жртвата им подлегна на тешките повреди“, изјавил началникот на полицијата Тун Сирихун.

Авае неодамна го исполнил својот фудбалски сон, откако потпишал договор со полупрофесионалниот клуб ФК Јала, кој се натпреварува во третата лига на Тајланд. Од клубот се простија од својот фудбалер со емотивна порака објавена на социјалните мрежи.

Тајланд во моментов се наоѓа во сезоната на монсуни, која низ земјата носи чести грмежи, невреме и обилни врнежи.