Директната комуникација меѓу Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) и нуклеарната електрана во Чернобил е обновена доцна синоќа, изјави генералниот директор на МААЕ, Рафаел Маријано Гроси.

Руските сили го држеа Чернобил под опсада пет седмици, пред да се повлечат на 31 март. МААЕ изгуби контакт со нуклеарната електрана на 10 март.

– Очигледно ова не беше одржлива ситуација, многу добра вест е тоа што регулаторот сега може директно да контактира со електраната, кога ќе има потреба, наведе Гроси.

Тој додаде МААЕ ќе испрати експерти во Чернобил во текот на месецот со цел „да се тестира нуклеарната безбедност, да се спроведат радиолошки проценки, да се испорача витална опрема и да се поправи далечинскиот заштитен систем на Агенцијата“.