Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, утре ќе ја посети Русија, потврди Михаил Улјанов, постојан претставник на Москва во меѓународните организации во Виена, каде што е седиштето на МААЕ.

Улјанов кажа дека Гроси ќе се сретне со руската меѓуресорска делегација во Москва, пренесоа руските медиуми.Гроси пред седум дена се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски, а потоа најави дека најверојатно ќе отпатува за Русија во следните неколку дена.

Шефот на МААЕ ја посети и нуклеарната централа во Запорожје – најголемата во Европа, од каде соопшти дека е „блиску“ до договор за нејзината заштита бидејќи таа е загрозена од руската инвазија врз Украина.

„Мислам дека постигнувањето договор е блиску. Иако двете страни меѓусебно не се согласуваат, тие се согласуваат со МААЕ дека е потребна нуклеарна безбедност. Тоа е многу важен елемент што верувам дека треба да се земе предвид“, рече Гроси, пренесоа американските медиуми.

Гроси потоа додаде дека, бидејќи има се повеќе и повеќе борби околу централата, тој преговара со руските и украинските претставници само за мерките неопходни за да се спречи катастрофа во централата, што би била „голема нуклеарна катастрофа за цела Европа“. (МИА)