Грција ја одложи примената на правилото за поседување нов комплет за прва помош кој содржи 16 предмети. Сега ваков комплет ќе треба да се има во возилото од 1 јануари следната година.

Претходно беше соопштено дека правилото ќе важи од 18 јуни.

Одложувањето е објавено во грчкиот Службен весник, каде што се наведува дека рокот на примената на законската обврска се поместува за да можат возачите и пазарот полесно да се приспособат.

Возачите ќе треба да поседуваат нов тип комплет за прва помош, изработен според стандардот DIN 13164:2022 или еквивалентен ISO стандард.

Комплетот треба да содржи 16 предмети: изотермална спасувачка прекривка, леплива лента за фиксирање, сет самолепливи фластери во различни големини, мал среден и голем стерилен индивидуален завој, потоа стерилна газа или преврска за изгореници, компреси за рани, тесен и широк еластичен завој, триаголен завој за имобилизација или потпора, ножици, медицински ракавици за еднократна употреба, влажни марамчиња за чистење кожа, како и медицински маски за лице и упатство за прва помош со илустрации.

Како што веќе беше објавено материјалите во комплетот треба да бидат во рок на употреба, во добра состојба и со соодветна ознака.