Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис изјави дека односите со Турција се водат директно и без потреба од медијатор. Тој најави дека пред 15 февруари ќе се сретне со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Анкара, во рамки на Високиот совет за соработка меѓу двете земји.

Во ТВ интервју, Мицотакис категорично ја отфрли можноста за посредништво, и во контекст на блиските контакти меѓу Доналд Трамп и Ердоган, како и евентуални посети на Трамп во Грција или на него во САД.

– Нашите односи со Турција се самостојни. Ќе имам можност да бидам во Анкара во наредните седмици и во никој случај не сметам, а мислам дека и Турција го дели тој став, дека ни е потребен некаков медијатор или посредник за да разговараме за прашања што ги засегаат двете земји – рече Мицотакис.

Тој посочи дека по потпишувањето на Атинската декларација во декември 2023 година има „значајни придобивки кои не треба да се занемаруваат“, меѓу кои намалувањето на тензиите и нарушувањата на грчкиот воздушен простор, соработката во областа на миграцијата, воведувањето брза виза за турски туристи на источните егејски острови и отворените канали за комуникација.

Како главна и суштинска разлика меѓу двете земји, Мицотакис го посочи разграничувањето на морските зони, ексклузивната економска зона и континенталниот гребен во Егејското Море и Источниот Медитеран.

– Во секој случај, фактот што можам директно да разговарам со претседателот Ердоган верувам дека е само позитивен, бидејќи очигледно не разговараме само за грчко-турските односи. Грција би сакала да развие и повеќе иницијативи во поширокиот регион. Би можеле да го разгледаме и прашањето за една поширока регионална конференција во која би била вклучена и Турција. Ние сме соседи, „осудени“ од географијата да коегзистираме и треба стабилно да постојат отворени канали за комуникација – нагласи тој.

Премиерот додаде дека решавањето на разликите со Грција би донело придобивки и за Турција, особено во однос на нејзиното приближување кон Европската Унија и учеството во идни програми за финансирање на одбранбената индустрија со европски средства.

– Но, бевме апсолутно јасни: додека постои закана за војна, Турција не може да користи европско финансирање. И покрај тоа што некои оспоруваа дека оваа наша позиција има суштинска вредност, од самиот исход се покажа дека успеавме да ја постигнеме таа цел. Сепак, нашата цел не е трајно да ја исклучуваме Турција од посилна соработка со Европа – рече Мицотакис.

Во однос на евентуална посета на Трамп на Грција, Мицотакис посочи дека нема официјални информации и дека станува збор за прашања за кои „секогаш се разговара“.