Северна Грција со најголемо отстапување, додека речиси сите региони бележат потопло време од вообичаеното
Во текот на јуни годинава во Грција се бележи повисока просечна температура во споредба со вообичаените вредности за периодот 2010–2019 година, покажуваат податоци од мрежата на 53 метеоролошки станици на порталот „Метео“ на Националната опсерваторија во Атина, пренесува дописничката на МИА од Атина.
Според анализата, најизразено зголемување има во северна и североисточна Грција, каде просечната максимална дневна температура е повисока за 1,8 степени. Во северозападниот и западниот дел од земјата зголемувањето изнесува 1,4 степени.
На Пелопонез температурите се повисоки за 1 степен, во централна Грција за 0,8, а во поширокиот регион на Атина за 0,6 степени. Најмало отстапување е забележано на островите во Егејското Море, вклучително и Крит, каде зголемувањето изнесува 0,2 степени.
Рангирање на најтоплите јуни и состојбата во градовите
Во Северна Грција, јуни 2026 година се рангира како четврти најтопол јуни во периодот од 2010 до 2026 година. Во Западна Грција, Јонското Море и Пелопонез е шести најтопол, додека во Тесалија и на островите во Егејското Море и Додеканезите е седми.
Во централна Грција и на Крит, овој јуни се рангира како осми, односно десетти најтопол во набљудуваниот период.
Во Атина, просечното месечно отстапување на максималната температура изнесувало 0,4 степени, при што 17 од 30 дена биле потопли од сезонскиот просек.
Во Солун, 16 дена во јуни биле над просечните вредности, а просечното отстапување изнесувало 0,1 степен.
