Одморот во Грција сѐ поскап – туристичките давачки и цените вртоглаво растат

Летувањето во Грција годинава ќе ги удри по џебовите туристите. Владата во Атина ги зголеми туристичките и еколошките такси, кои сега ќе изнесуваат од 2 до над 20 евра дневно по соба, во зависност од локацијата и категоријата на сместувањето. Тоа значи зголемување и до 20 пати во споредба со минатото лето.

Забрана за кампување во Грција: Нови казни за шатори и приколки на јавни простори

Дополнителна такса од 20 евра ќе се наплатува и за туристите кои пристигнуваат со бродови за крстарење на атрактивните острови како Миконос и Санторини. Парите собрани од овие такси ќе бидат наменети за одржливи проекти. Овие пари ќе се користат за подобрување на инфраструктурата и справување со еколошки проблеми во цела Грција.

Скапи аранжмани, поскапена храна и пијалаци

И цените на туристичките аранжмани за Грција значително поскапеа. Туристичките агенции нудат десетдневни пакети со превоз и сместување што достигнуваат и до 1.200 евра за две лица во екот на сезоната. Покрај тоа, значително се поскапени и цените на храната и пијалаците: едно гиро чини од 10 до 15 евра, пица исто толку, а кафе на плажа чини од 5 до 10 евра.

Сепак, и покрај високите цени, туристичките агенции потврдуваат дека Грција и понатаму останува најбарана дестинација меѓу македонските туристи. Најголем дел од нив ја бараат главно поради блискоста и долгогодишната навика за летување во земјата.

Извор: Алфа