350 евра за мобилен во рака, до 4.000 евра ако предизвикате несреќа

Грција изгласа нов Закон за сообраќајни прекршоци кој значително ги зголемува казните за прекршоците зад волан. Од користење мобилен телефон до возење под дејство на алкохол, новите мерки се толку строги што дури и првите прекршувања ќе ве чинат стотици евра и суспензија на возачката дозвола. Властите порачуваат – ова не е репресија, туку мерка за спасување животи.

За користење мобилен додека возите, првата казна изнесува 350 евра и одземање дозвола за еден месец. Ако повторно бидете фатени – 1.000 евра и шестмесечна забрана за управување возило. Трет прекршок – 2.000 евра и едногодишна суспензија на дозволата. Доколку предизвикате сообраќајна несреќа во тие услови – казната се зголемува на 4.000 евра.

Алкохол, брзо возење и црвено светло: Без толеранција

Со новите законски измени, властите испраќаат јасна порака – нема простување за ризични однесувања на патиштата. Најстрого се санкционира возењето под дејство на алкохол – казни кои се движат од неколку стотици до илјадници евра и трајно одземање на возачката дозвола.

Слично остро се третираат и другите прекршоци:

  • Брзо возење, неносење појас или кацига – значително зголемени казни

  • Прескокнување црвено светло, знак Стоп или железнички премин – до 1.200 евра и можност за долготрајна забрана за возење

Државата порачува: „Сакаме животи, не статистики“

Грција воведе нов закон со ригорозни казни за сообраќајни прекршоци. Властите објаснуваат дека целта на новите мерки не е казнување, туку заштита на човечки животи. Во последната деценија, илјадници загинале на патиштата низ земјата, а анализите покажуваат дека прекршоците како користење мобилен, алкохол и пребрзо возење се водечките причини.

ГРЦИЈА ВОВЕДУВА СТРОГИ КАЗНИ ЗА ВОЗАЧИТЕ: Туристите да ги почитуваат новите правила

Новиот закон е веќе во сила, а контролите на патиштата се засилени. Властите најавуваат и јавни кампањи за свесност, но нагласуваат дека нема да има компромис со безбедноста.

Извор: Плусинфо