Актуелниот министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, откри дека околу 20 илјади евра се потрошени на две ќебапчилници за време на мандатот на неговиот претходник, Артан Груби. Во гостување во подкаст, Стоилковиќ ги објави овие и други сомнителни трошоци, нарекувајќи ги „фрапантни злоупотреби“.

Преку 20 илјади евра за ќебапи: тендер за угостителски услуги: 1,18 милиони денари

Според податоците од Бирото за јавни набавки, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците во 2023 година доделило тендер за угостителски услуги на две компании.

  • „Пчела Ш.Е.Љ.“: Главниот снабдувач добил 944 илјади денари (околу 15 340 евра), од кои реализирал 532 037 денари (околу 8 650 евра).
  • „Далма кетеринг“: Иако предвидените средства изнесувале 220 илјади денари, оваа компанија не реализирала ниту еден денар.

Тендерот официјално бил заклучен на 18 април 2024 година, само шест дена пред првиот изборен круг, иако требало да биде реализиран до 15 март истата година.

Повторен договор и последни сметки

На три дена пред изборите, на 21 април 2024 година, повторно бил склучен договор меѓу Министерството и „Пчела Ш.Е.Љ.“ во износ од 1,18 милиони денари. Соработката продолжила дури и по изборите, кога ДУИ веќе не беше дел од владата.

На 14 јуни 2024 година, само неколку дена пред формирањето на новата влада, Министерството платило две сметки на „Пчела Ш.Е.Љ.“:

  • 41 660 денари,
  • 16 852 денари.

Вкупната сума од 58 512 денари (приближно 900 евра) се однесува на околу 150 порции телешки ќебапи.

Стоилковиќ: „Ревизија на трошоците е во тек“

Министерот Стоилковиќ изјави дека во моментот се спроведува ревизија на трошоците од мандатот на Артан Груби. Извештајот ќе биде разгледан на затворена владина седница.

  • „Фрапантни се овие сметки за ќебапи и секојдневни трошоци за кафани,“ изјави Стоилковиќ, додавајќи дека потребно е темелно испитување на сите финансиски зделки од претходниот период.