Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби утрово обелодени дека кон крајот на јули треба да започне постапката за менување на Уставот во Собранието.
Во Собранието има 120 пратеници, нема 80. Сметам дека сите тие, со исклучок на двајца пратеници, се за интегрирање на нашата земја во ЕУ, како што беа за во НАТО. Убеден сум дека ако се претстави добро оваа техничка измена во Уставот би ја прифатиле и граѓаните, а не само пратениците. Ова се само технички амандмани за да го продолжиме европскиот пат на Македонија – рече Груби во емисијата „Студио 10“.
Груби порача дека е битно тоа што го кажа Христијан Мицкоски на 7-ми јуни месецов.
Ќе се памти тој ден, не по тоа што ми е роденден, туку по изјавите на Мицкоски. Сакам јавно да му се заблагодарам за можноста што ни ја даде да продолжиме кон европскиот пат. Се покажа дека адресата не им е на друго место, туку во Брисел и Вашингтон. Тој не беше свесен дека сме реагирале и го прифативме неговиот предизвик. 7-ми јуни ќе се памети дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ прифатија уставни измени, прифатија Бугарите да се вклучат во Преамбулата и Уставот, прифати да нема предвремени парламентарни избори и се надевам дека сите овие ретерирања, веќе се променети и дека сме на нов терен. Охрабрувам да почнеме со постапката и да ги разгледаме предлозите на Работната група – истакна вицепремиерот.
Нема човек кој не ми честита за нашиот став од 7-ми јуни. Многу достоинствен беше настапот на премиерот на лидерската средба. Го известивме за нашите намери да излеземе од Влада, во моментот кога ВМРО-ДПМНЕ ќе притисне зелено копче во Собранието за уставните измени. Нашиот став од 7-ми јуни е најдоброто нешто што сме можеле да го направиме. Себеси се жртвуваме за да ја интегрираме Македонија во ЕУ. Небитна е власта. Дали меѓу ДУИ во опозиција или Македонија во ЕУ, ние ќе бираме Македонија во ЕУ. Немаме дилема за ставот, додаде Груби.
Тој додаде дека „ако ВМРО-ДПМНЕ сака, може да се иде на избори веднаш, после гласањето за отворање на Уставот“.