Македонија ќе има Албанец за премиер, но тоа нема да биде Артан Груби. Тој нема такви амбиции бидејќи сака да остане запаметен по изградбата на автопатот Скопје-Блаце и по воспоставувањето врска Скопје-Приштина-Тирана. Вакво тврдење изнесе првиот вице-премиер Груби во интервју за косовската телевизија „Дукаѓини“.

Потсетува дека поставувањето Албанец за прв човек на Владата во последните 100 дена од нејзиниот мандат е дел од договорот што во 2020-та го постигнаа лидерите Али Ахмети и Зоран Заев.

Груби објаснува дека ова е проект на Ахмети за да се урнат табуата и предрасудите во однос на премиер-Албанец.

За ВМРО-ДПМНЕ, ова е потврда дека Ковачевски ја добил премиерската фотелја на подарок, а сега ја чува за Артан Груби.

Пред два дена и новиот координатор на партискиот огранок во Чаир, Бујар Османи, најави дека „за неколку месеци ќе имаме премиер-Албанец“, што во некои кругови беше протолкувано како можност за предвремени избори.

Премиерската функција беше изборно ветување на ДУИ во 2020-та. Како кандидат за оваа функција на митинзите беше претставуван поранешниот пратеник и нотар Насер Зибери. Неколку месеци по изборите, во јануари 21-ва, тој беше избран за Народен правобранител.