Доколку не се усвојат уставните измени парламентарните избори ќе се одржат во редовниот термин и ќе се примени одлуката за 100 дена Албанец премиер, а кој ќе биде таков премиер ќе одлучи лидерот на ДУИ Али Ахмети, чии одлуки се најдобри за граѓаните што е докажано многупати досега, порача првиот вицепремиер Артан Груби.
-Засега остануваме на ставот за 100 дена премиер Албанец, освен ако ВМРО-ДПМНЕ не ги гласа уставните измени, тогаш ќе се откажеме. Во договорот за коалицирање со СДСМ стои дека кандидатот за премиер Албанец траба да биде предложен од страна на ДУИ, од страна на господинот Ахмети. Неговите одлуки за државата секогаш биле добри и сите граѓани виделе добро од нив, рече Груби во интервју за ТВ Канал 5.
Нагласи дека најдоброто нешто за земјава во овој момент е премиерот Димитар Ковачевски и додаде дека не е точно оти ДУИ ги држи „сите конци“ во Владата.
-Не е точно дека ДУИ ги држи сите конци во Владата. Димитар Ковачевски во овој момент е најдоброто нешто за оваа држава, нема никакви предрасуди и сметам дека би бил многу добар да ја повлече Република Северна Македонија кон Брисел, посочи Груби.
За Бугарија рече дека може да има нови барања за земјава во пристапниот процес само во однос на преговарачката рамка, но не и по основ на историјата.
Истакна дека во ДУИ имаат црвени линии за коалицирање со оние што не го почитуваат Охридскиот рамковен договор и што се против евроатлансктие интеграции на земјава. Не ја исклучува можноста да коалицираат со ВМРО-ДПМНЕ доколку ги прифатат уставните измени пред изборите или веднаш по изборите.
-Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ќе ги гласаат уставните измени по изборите, но ниту еден од нашите стратешки партнери не верува во тоа. Да бидам брутално искрен освен нас никој од стратешките партнери не верува дека доколку има избори ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за уставни измени, рече Груби.
Очекува на следните избори да победи проевропскиот фронт без разлика дали ќе одат со СДСМ со заеднички листи или не и додаде дека очекува победа на ДУИ во албанскиот блок.
За поранешниот премиер Никола Груевски вели дека може да се врати во земјава само за да одлежи затвор и додава дека не го познава многу и немал многу контакти со него.
-Никогаш во животот не сум бил во Будимпешта и не сум се сретнал таму со Груевски. Никакви УСБ-иња од него не добиле Ахмети и Џафери и измените на Кривичниот законик не се по негов диктат. Ако се по негов диктат веќе се донесени и стапени на сила и зошто не доаѓа во земјава. Новите законски измени нема да го спасат од затвор зашто против него се водеа повеќе постапки, рече Груби.
Посочи дека уште од 2016 година се разговарало за измените на Кривичниот законик и за членот 353 и нагласи дека во тоа не учествувал актуелниот министер за правда ,па затоа не го ни потпишал предлог-законот.
-Доколку ВМРО-ДПМНЕ не создадеше кворум ова законско решение немаше да биде донесено. Не е точно дека преку неговото донесување се обидувавме да ги донесеме уставните измени. Има пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои и сега сакаат да гласаат за уставни измени, но се под притисок од раководството, порача Груби и додаде дека не се потребни притисоци, туку лидерство.
Истакна дека за изготвување нов Кривичен законик се разговарало и со СДСМ и со ВМРО-ДПМНЕ и додаде дека тој се подготвува толку долго време што не верува дека ќе биде донесен до крајот на мандатот на оваа владејачко мнозинство, а можеби и на наредното.