Министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ Бујар Османи, синоќа ја доби првата честитка за новата партиска функција – координатор на чаирскиот огранок, од првиот вицепремиер Артан Груби.

„На Бујар му посакувам добра работа во координирање на активностите на Демократската унија за интеграција во Чаир. Покрај таа на претседателот, Бујари ја има и мојата поддршка во овие напори за повторно активирање на структурата во Чаир по три години отсуство на партиски активности во нашиот огранок и во локалните совети во огранокот. Ве повикувам сите да се придружите со сите ваши идеи и акции за посилна и пообединета ДУИ во Чаир“, напиша Груби на Фејсбук.

Претседателот на чаирскиот огранок Изет Меџити оцени дека одлуката Османи да биде координатор е нестатутарна, бидејќи не поминала низ партиски органи. Според Меџити, таква функција досега воопшто и не постоела. Новата функција на Османи, е на предлог на лидерот на ДУИ Али Ахмети со цел „во оваа фаза да се координираат политичките процеси во Чаир“.