Во врска со случајот со внукот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој е еден од купувачите на деловниот центар „Соравија“, вицепремиерот Артан Груби вечерва во Дневникот на Сител ТВ, изјави дека не е тој да гледа дали има нешто спорно, тоа треба да го сторат надлежните институции.
– Има Државна комисија за спречување на корупција, Јавно обвинителство, нека си постапат согласно нивните ингеренции и нека утврдат тоа што е вистинско, а не вака, да има медиумско препукување и употреба за дневна политичка агенда, рече тој.
Одговарајќи на прашањата за наводите кои што беа изнесени во јавноста во врска со бизнисите на Дрин, тој одговори дека нема информација и повторно посочи на надлежните институции.
– Немам никаква информација во однос на бизнисите на Дрин, или на кој било друг, затоа што се тоа приватни бизниси, доколку има нешто незаконско, нека си постапат институциите, доколку е сѐ законски и е амбиција на млад амбициозен дечко, би очекувал сите да му се извинат на крај, рече вицепремиерот.