Вицепремиерот Артан Груби се огласи на Фејсбук во врска со опожареното возило. Toj се извинува за непријатната случка, пренесува МЕТА.МК.
„Им се извинувам на сите мои соседи во нашето маало за големата загриженост што ја доживеаја синоќа пред зградата во која живеам, од причините на мојата професија. Им се извинувам и на мојот пријател и на неговото семејство за штетата предизвикана исклучиво поради мојата професија. Во политиката сум за да служам и оставам траги со работа и дела, а не да ги тероризирам семејството, соседите и општеството. Континуираните закани и последователните напади ги сметам за кукавичлук и подмолно, но немам намера да се откажам и да се повлечам од работата и исполнувањето на очекувањата на граѓаните. Се извинувам што мојата и грижата на моето семејство се претворија во грижа и на соседите и на општеството. Благодарен на сите мои соседи, како и на безбедносните сили и нивните напори да го елиминираат синоќешниот напад. Ви благодариме и на сите вас за големата поддршка!“, напиша тој.
Инаку, полицијата утринава соопшти дека опожареното возило „Ауди“ е во сопственост на лицето Б.Л. (35), кое вчера и го паркирало пред зградата. Во анкетниот лист за имотната состојба, пак, Груби има пријавено дека поседува „Цитроен Ксара“ во вредност од 1.000 евра.
Сепак, во постари медиумски написи може да се види Груби фотографиран пред автомобил марка „Ауди“ кое потполно наликува на она од денешните снимки.
Па така, во 2020 година беше објавена фотографија на која се гледа Груби пред автомобил марка „Ауди“, откако бил нападнат пред Собранието, односно откако 38-годишна жена фрлила камен во прозорецот од возилото и го скршила, по што била приведена од полицијата.
Во 2021 година, пак, медиумите објавија снимки од „Ауди“ за кое исто така се тврдеше дека е на Груби, за тоа како ставил полициски „флешери“ на своето приватно возило, што е забрането со закон, а за истото, како што се тврдеше во медиумите, не реагирал министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Во меѓувреме се огласи и министерот за надворешни работи Бујар Османи по повод опожареното возило на првиот вицепремиер Артан Груби.
„Овој грозоморен чин на насилство не е само напад на почитуван колега, туку и навреда за нашите демократски вредности и структурата на нашето општество. Ова го кажувам, не само како министер, туку и како загрижен граѓанин, за најостро да го осудам овој чин на подметнување пожар. Насилството нема место во цивилизирано општество и таквите постапки никогаш не можат да се оправдаат. Ги повикувам властите да спроведат темелна истрага за да се открие вистината зад овој инцидент и веднаш да се изведат одговорните пред лицето на правдата“, вели Османи.
Останува отворено прашањето дали и зошто вицепремиерот Груби користи возило на својот сосед за партиски и владини средби и како знае дека опожарувањето на возилото е поврзано токму со него и со неговата работа и дека станува збор за напади и закани врз него.