Поранешниот премиер Никола Груевски се огласи на социјалните мрежи по објавувањето на огласите за продажба на три станови на Водно на веб-страницата на Агенцијата за управување со одземен имот. Груевски, за кого по заминувањето од државата во 2018 година беше побарана екстрадиција, тврди дека становите во комплексот „Панорама резиденс“, опфатени со предметот „Плацеви на Водно“, никогаш не биле негови.

Според огласот, почетната цена за два стана со површина од околу 200 квадратни метри и тераси од приближно 50 квадратни метри изнесува 850.000 евра. За третиот стан, со површина од околу 150 квадратни метри и тераса од приближно 95 квадратни метри, почетната цена е 760.000 евра.

Обвинителството во предметот „Плацеви на Водно“ тврдеше дека трите станови претставуваат скриен имот на Груевски. Тој, пак, во објавата на „Фејсбук“ наведува дека становите не биле дел од обвинението до последната судска фаза и дека Јордан Камчев ја променил својата изјава под притисок.

„Пред да се одржи последната судска сесија во која Камчев имаше збор, тој беше повикан во обвинителството кај тогашната обвинителка Лиле Стефанова. Таа му ја соопшти уцената дека ако не каже така како што таа бара од него, веќе е договорено тој да добие затвор од 12 години, а неговата мајка Ратка Камчева и главниот правник од неговата фирма слични екстремно високи долгогодишни затворски казни“, напиша Груевски.

Според неговото тврдење, Камчев, за да се заштити себеси, својата мајка и близок соработник, прифатил целосно да ја промени приказната што ја изнесувал две години и да жртвува три стана од зградата што самиот ја градел.

„За да не биде сам и да личи поверодостојно, според сценарио предложено од обвинителката Лиле Стефанова и од Зоран Заев, тој го повика за сведок и неговиот зет од сестра Мето Стојчевски и заедно ја спроведоа операцијата. Овие три стана до тој момент не беа предмет на обвинението“, наведе Груевски.

Обвинителката Лиле Стефанова за Телевизија 24 изјави дека нема да ја коментира објавата на поранешниот премиер и посочи дека за предметот веќе има судска пресуда.

„Не сум ја видела објавата, ниту ќе коментирам фејсбук-објава на осудениот Никола Груевски. Има пресуда за посочениот предмет“, изјави Стефанова.

Според информациите објавени од Агенцијата за управување со одземен имот, заинтересираните ќе можат подетално да се запознаат со распоредот на апартманите на 16 јули, додека јавното наддавање е закажано за 29 јули.

Во предметот „Плацеви на Водно“, Груевски е осуден на девет години затвор. Според пресудата, тој злоупотребил 1,3 милиони евра донирани на ВМРО-ДПМНЕ, ги прибавил за себе како претседател на партијата, а потоа ги пуштил во оптек преку купување плацеви и изградба на резиденции.

Кон крајот на декември 2023 година, Врховниот суд го одби како неосновано барањето на Груевски за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје за овој предмет.