Договорот за извоз на жито од украинските пристаништа на Црното Море е продолжен за 60 дена, изјави денеска заменик министерот за надворешни работи на Русија Александар Грушко.
Тој рече дека е потврдено оти договорот е дел од пакетот и дека условот е да се исполнат сите ветувања дадени на руската страна, пренесува РИА Новости.
Според Грушко, Руската Федерација ќе продолжи да бара отстранување на сите пречки за испорака на земјоделски производи на светските пазари.
Договорот, кој на 22 јули 2022 година го потпишаа претставници на Русија, Турција, Украина и ОН вклучува извоз на украинско жито, храна и ѓубрива од три пристаништа на Црното Море, вклучително и Одеса.
Заедничкиот координативен центар во Истанбул е одговорен за координација на движењето на бродовите.
Договорот истече на 18 ноември минатата година, но неговите услови вклучуваа автоматско продолжување на 120 дена доколку нема забелешки од ниту една страна.
Самиот договор за жито е составен дел од пакетот, кој, меѓу другото, предвидува деблокирање на извозот на руска храна и ѓубрива.
Москва истакнува дека овој услов не бил исполнет и покрај уверувањата на ОН.