Шефот на кабинетот на премиерот на Унгарија, Ѓерѓ Гуљаш, рече дека одлуката на Европската унија за задолжителните квоти за преселување на барателите на азил е неприфатлива и опасна и дека таа претставува „злоупотреба на моќта“ на која Унгарија мора да се спротивстави во сите форуми и со сите средства со кои располага.
Гуљаш преговарачката позиција на Европскиот совет за регулирање на миграцијата и барателите на азил, усвоена на 8 јуни, ја нарече „покана до секој што сака да дојде во Европа“, што, според него, ќе ја зајакне миграцијата.
„Ваквата регулатива би била штетна за Унгарија од повеќе аспекти“, рече тој на брифинг со новинарите, пренесува МТИ.
Според него, таа одлука предложила преселување на 30.000 мигранти, но Европската комисија добила право да го зголеми тој број.
Гуљаш, исто така, повтори дека Унгарија продолжува да повикува на прекин на огнот и мир во Украина, истакнувајќи дека не само што е во национален интерес на Унгарија да воспостави мир што е можно поскоро, туку е во интерес на сите.
„Доколку Унгарија, членка на европската економија, може да се ослободи од задушливата прегратка на последиците од војната, тоа веднаш ќе резултира со значителен пад и практично крај на инфлацијата“, рече тој.