Полицијата трага по сторителите кои оставиле 76 гуми подготвени за подметнување пожар под Царев Врв на Осоговските Планини

Големо количество гуми подготвени за подметнување пожар било пронајдено под Царев Врв, во реонот на Осоговските Планини. Шумската полиција и Министерството за внатрешни работи потврдија дека се работи за 76 половни автомобилски гуми.

Според надлежните, постои сомнеж дека гумите биле оставени со намера да бидат запалени и да предизвикаат сериозен шумски пожар. МВР информираше дека се преземаат мерки за идентификација на сторителите, како и за утврдување на причините зошто токму таа локација била избрана.

„Ако таму се предизвикал пожар, состојбата ќе беше исклучително опасна за целата околина. Благодарност до шумската полиција во Крива Паланка за навременото реагирање“, изјави Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување.

Истовремено, денес заврши огласот за ангажирање на привремени пожарникари. Пријавени се околу 500 лица, од кои се потребни 400. Во Скопје интересот бил најнизок – се пријавиле само 50 кандидати, од предвидени 80.

Од Центарот за управување со кризи информираа дека неколку пожари се сѐ уште активни низ земјава. Во моментов гори кај Општина Василево, два пожари се активни во реонот на Македонски Брод, еден кај селото Бешиште во Прилепско и повторно се активирал пожарот во Желино.

Како дел од мерките за рана превенција, МВР користи дронови за мониторинг на шумските појаси низ целата држава. Од Министерството истакнуваат дека со оваа технологија е зголемена ефикасноста во рано откривање и лоцирање на пожари.

„Станува збор за оперативни мерки што овозможуваат навремено предупредување и откривање на евентуални причинители“, велат од МВР.

Во меѓувреме, поднесени се кривични пријави против две лица од Струга и едно лице од Демир Капија, поради предизвикување пожари во нивните региони.

Извор: Канал 5