Густа магла и лизгав коловоз одиграле клучна улога во неуспешниот обид за киднапирање на македонскиот пејач Даниел Кајмакоски во Белград, откриваат извори од истрагата. Наместо да ја продолжат планираната рута за бегство, осомничените направиле погрешно движење, излетале од патот и удриле во банкина, што овозможило брза полициска интервенција и спасување на пејачот.

Според истрагата, инцидентот се случил ноќта меѓу саботата и неделата, по настапот на Кајмакоски во угостителски објект во белградската „Бетон Хала“. Двајца странски државјани го пресретнале, му се заканиле со нож и пиштол и го принудиле да влезе во неговото бело „волво“. Во возилото бил врзан, а од него биле побарани 20.000 евра.

Киднаперите со возилото поминале низ две наплатни рампи – кај Шимановци и Рума – но поради густата магла и влажниот асфалт изгубиле ориентација. Наместо да свртат, продолжиле право, по што возилото излетало од коловозот и се удрило во заштитна ограда.

Во меѓувреме, исчезнувањето на пејачот било пријавено од член на неговата придружба, по што белградската полиција започнала масовна потрага во која биле вклучени патроли, дронови, термокамери и службени кучиња.

Возилото било пронајдено на автопатската делница кај излезот за Рума, со видливи траги од сообраќајна несреќа. Полицијата го затекнала Кајмакоски врзан во автомобилот, во состојба на шок, но без потешки физички повреди.

Осомничените успеале да побегнат и по нив сè уште се трага. Истражните органи ги анализираат сите движења пред и по инцидентот, како и снимките од надзорните камери и наплатните рампи, со цел нивно лоцирање и приведување.