Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш денеска изјави дека електричната енергија произведена во нуклеарната централа Запорожје на југот на Украина, која ја држат Русите, и припаѓа на Украина и бара целосно да се почитува овој принцип.
Украина денеска ја обвини Русија дека планира „провокација од големи размери“ во големата нуклеарна централа и рече дека руските сили планираат да ја исклучат централата од електричната мрежа на Украина и да ја поврзат со руската.
Москва и Киев меѓусебно се обвинуваат за гранатирање на најголемата европска нуклеарна централа, која Русите ја зазедоа во март, но сè уште ја управуваат украински техничари. Работат само два од вкупно шест реактори.
Гутереш, на прашањето за руските планови за пренасочување на струјата кон руската електрична мрежа, им рече на новинарите во пристаништето на Црното Море, Одеса, дека електраната треба да се демилитаризира, потег што ќе го реши проблемот.
„Очигледно е дека струјата од Запорожје ѝ припаѓа на Украина и е неопходна, особено во зима, за украинскиот народ. И тој принцип мора целосно да се почитува“, рече тој. Украина се подготвува за најлошата зима во повеќе од 30 години независност и за можен недостиг на енергија што се влошува со затворањето на нуклеарна централа.
Меѓународните хуманитарни претставници изразија загриженост дека таквиот потег на Русија може да предизвика повеќе страдања во источна Украина и да доведе до бегство на уште повеќе луѓе во странство. Русија ја обвини Украина за заговор за „провокација“ во нуклеарната централа.