Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш напиша во петокот на Твитер дека ОН нема да се откажат и ќе ги удвојат напорите за спасување животи и намалување на човечкото страдање во Украина.
Неговиот твит дојде по посетата на Украина и средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тој во вторникот ја посети и Москва за да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.
За време на прес-конференцијата во Киев со Зеленски, Гутереш повика да се отворат коридори за евакуација во Мариупол, велејќи: „Денес на народот на Мариупол очајно им е потребен таков пристап. Мариупол е криза во криза“, и додаде „На илјадници цивили им е потребна помош за спас на нивните животи. Многумина се постари имаат потреба од медицинска нега или имаат ограничена подвижност, им треба пат за бегство од апокалипсата“.