Делегација предводена од гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерот за финансии Фатмир Бесими учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон.
Предвидено е делегацијата да оствари средби со високи претставници на ММФ, СБ и Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), како и со претставници на други меѓународни финансиски организации и институции.
Закажани се и одделни состаноци на делегацијата со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, со извршниот директор на ММФ, Пол Хиберс и алтернативниот извршен директор Лук Дресе, како и со шефицата на мисијата на ММФ, Бергљот Баркбу.
Во фокусот на разговорите со претставниците на ММФ ќе бидат монетарната политика и економските состојби во земјава.
Гувернерката, како што информираат од Народната банка, има закажано одделни состаноци со директорот на Одделот за статистика Луј Марк Душарм, директорката на Правниот оддел Рода Викс-Браун и со заменик-директорот на Одделот за монетарни и капитални пазари Кристофер Ерцег, на кои ќе се разгледаат резултатите од тековната соработка меѓу Народната банка и ММФ.
Предвидено е делегацијата да оствари состаноци и со претставници на Светската банка, заменик-претседателот на СБ за Европа и Централна Азија, Ана Бјерде, како и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Кун Давидсе. Исто така, предвидена е средба и со потпретседателката на ИФЦ, Георгина Бејкер.
Пролетните средби на ММФ и СБ се одржуваат секоја година и на нив учествуваат гувернерите на централните банки и министрите за финансии на земјите членки. Средбите се место каде што носителите на политиките разговараат за актуелните случувања во светската економија, вклучително и за премостувањето на предизвиците, како економската криза предизвикана од пандемијата, тековната ценовна криза, последиците врз светската економија од војната во Украина итн. Целта на овие средби се заеднички политики и решенија кон поттикнување на економскиот раст, намалувањето на сиромаштијата и промовирањето одржлив и инклузивен економски развој.