Во изјава за приштинските медиуми, Хаџиу изрази уверување дека меѓу данските затвореници кои ќе ја служат казната во Косово ќе нема осудени за тероризам.
Таа најави дека, со цел прецизирање на деталите на договорот за изнајмување на затворските капацитети, идниот понеделник, во Приштина ќе допатува министерот за правда на Данска, Ник Хекеруп.
Косовската министерка за правда напомена дека станува збор за меѓудржавен договор, за чија ратификација е потребно двотретинско мнозинство гласови на пратениците во Собранието на Косово.
– Келиите кои се очекува да бидат дадени на користење ќе бидат во затворот во Гњилане… Сметам дека овој избор на Данска претставува високо признание за Косово и за институциите како кредибилна држава, изјави Хаџиу.
Данскиот колега на Хаџиу, министерот Хекеруп, вчера за копенхашниот весник „Нихиедер“ изјави дека договорот е со цел проширување на капацитетите на затворите во земјата.
– Имаме недостаток од повеќе од илјада места во данската Служба за затвори и притвори до 2025 година… Меѓу другото, се согласивме дека работата треба да се заврши во врска со позајмувањето на келиите во Косово за да ги префрлиме затворениците од трети земји, изјави Хекеруп.