Холандскиот производител на пиво Heineken го заврши своето излегување од Русија со продавање на своите операции таму на руската групација Arnest за симболично едно евро, соопшти денеска компанијата.

Вториот по големина светски производител на пиво објави дека ги добил сите потребни дозволи за договорот и дека најверојатно ќе остане со екстремно високи загуби од 300 милиони евра.

Хајнекен ја објави својата намера да излезе од Русија по руската инвазија на Украина во март 2022 година, а сега признава дека целиот процес траел подолго од очекуваното.

„Неодамнешните случувања ги покажуваат значајните предизвици со кои се соочуваат големите производствени компании кога ја напуштаат Русија“, рече извршниот директор Долф ван ден Бринк во изјавата.

Многу мултинационални компании побрзаа да ја напуштат Русија откако Западот воведе остри санкции кон Москва, но Кремљ возврати со запленување на имотот на голем број западни компании. Во јули, рускиот претседател Владимир Путин потпиша указ за преземање на контролата врз руската филијала на францускиот производител на јогурт Данон, заедно со уделот на пивската компанија Карлсберг во локалната пиварница.

Хајнекен имаше седум пиварници и 1.800 вработени во Русија, на кои им беше гарантирано вработување во следните три години. Холандската пиварница минатата година го отстрани својот бренд Хајнекен од Русија, а производството на Амстел треба да биде прекинато во рок од шест месеци.

Хајнекен објави дека договорот, без опција за откупување на бизнисот, вклучува тригодишна лиценца за некои помали регионални брендови, кои Хајнекен нема да ги поддржи или да генерира никаков приход. Хајнекен соопшти дека трансакцијата ќе има само занемарливо влијание врз проценките за целата година.