Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини смета дека аукцијата за издавање на деветтата еврообврзница не помина успешно, затоа што каматната стапка е скоро за еден процент повисока од износот постигнат претходно, кога еврообврзницата беше повлечена поради тоа што немаше кој да стави потпис на местото резервирано за министерот за правда. Тој, во изјава за „Слободен печат“ вели дека за ова треба и некој да одговара.
Другите задолжувања од други извори, немаат врска со оваа еврообврзница – категоричен е Хајредини по соопштението од Министерството за финансии дека покрај еврообврзницата од 500 милиони евра по купонска камата од 6,96 проценти, дополнително се обезбедени и 100 милиони евра од инструментот за макрофинансиска поддршка на Европската Комисија по каматна стапка од приближно 3 проценти, со што се постигнати исти каматни трошоци со претходната аукција.
– Не е точно дека интересот на инвеститорите се базира во нивната доверба во политиките кои ги води Владата, зашто се знае дека државите долговите мора да ги вратат. Задолжувањето заради раздолжување не може ни на среден ни на долг рок да придонесат за поголем раст. За тоа се потребни инвестиции за економски развој. Очекувано беше некој да одговара, зашто од министерот за правда побара потпис откако тој беше разрешен, со што настана оваа штета- изјави Хајредини, оценувајќи го издавањето на новата еврообврзница.
Стопираната еврообврзница беше на 600 милиони евра со купонска камата од 6,25 проценти, а беше повлечена откако немаше кој да стави потпис, затоа што оставката на тогашниот министер за правда Никола Тупанчески веќе беше констатирана во Собранието.