Хамас постави услови за хуманитарен пристап

По објавата на видео снимка на која е прикажан израелски заложник во сериозно влошена здравствена состојба, палестинската милитантна организација Хамас постави услови и соопштува дека ќе овозможи пристап на Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) до заложниците што ги држи во Појасот Газа но само доколку бидат исполнети неколку барања.

Хамас бара Израел да ја дозволи целосно хуманитарната помош за цивилното население во Газа и да ги прекине сите воздушни извидувачки летови во времето кога се дистрибуира таа помош. Портпарол на Бригадите Ал-Касам, вооруженото крило на Хамас, преку објава на Телеграм ги постави овие барања како предуслов за било каков хуманитарен пристап до заложниците.

Истовремено, од кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху беше соопштено дека тој остварил директен контакт со регионалниот директор на Црвениот крст, барајќи итна интервенција за обезбедување на храна и медицинска помош за израелските државјани кои се држат како заложници во Газа.

Израелски притисок и реакции од ЕУ по објавата на снимки со изнемоштени заложници

Според израелските власти, Хамас држи приближно дваесет израелски заложници, киднапирани на 7 октомври 2023 година. Тие, според безбедносни проценки, се затворени во мрежа на подземни тунели под Појасот Газа, во услови што се опишуваат како крајно нехумани и без никаква медицинска нега.

Во последните денови, Хамас објави неколку видео снимки на кои се гледаат заложници со видливи знаци на неухранетост и сериозен психофизички замор. Овие снимки предизвикаа остра осуда и вознемиреност во израелската јавност, но и во поширокиот меѓународен контекст.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон ги опишаа снимките како „шокантни и вознемирувачки“, апелирајќи за итна акција од страна на МКЦК и барајќи непречен пристап до сите заложници.

Израелски разузнавачки извори предупредуваат дека Хамас ја користи состојбата на заложниците како инструмент за политички и дипломатски притисок врз израелската влада. Според нив, со објавата на овие видеа и поставувањето на услови, Хамас се обидува да добие отстапки поврзани со дистрибуцијата на хуманитарна помош и можни преговори за прекин на огнот.