Трамп го поздрави потегот на Хамас

Претседателот Доналд Трамп позитивно реагираше на изјавата на Хамас, иако организацијата не се осврна на сите клучни точки од неговиот предлог од 20 точки, кои ги поддржува и Израел, вклучително и целосно разоружување. Трамп го повика Израел да ја прекине кампањата на бомбардирање, нагласувајќи дека се водат разговори за „детали што треба да се доработат“, што укажува на негова подготвеност да му даде одредена слобода на Хамас.

„Верувам дека се подготвени за траен мир“, напиша Трамп на социјалните мрежи. „Израел мора веднаш да го прекине бомбардирањето на Газа, за да можеме безбедно и брзо да ги извлечеме заложниците!“

Поддршка од муслиманските земји

Во следна видео изјава, Трамп им се заблагодари на земјите со мнозинско муслиманско население за нивната помош во преговорите, додавајќи дека „сите ќе бидат третирани праведно“ во тековните разговори. „Ова е голем ден“, изјави Трамп. „Ќе видиме како ќе се одвива сè — мораме да го запишеме конечниот договор во бетон.“

Израел го разгледува планот на Трамп

Со реакција се огласи и канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, од каде соопштија дека се подготвува имплементација на првата фаза од планот на Трамп за итно ослободување на сите заложници. „Ќе продолжиме да работиме во целосна соработка со Претседателот и неговиот тим за да го завршиме војната во согласност со принципите утврдени од Израел, кои се во склад со визијата на Претседателот Трамп,“ стои во соопштението.

Изјавата на Хамас претставува значителна промена во нивната досегашна реторика, бидејќи за првпат покажуваат подготвеност да ги ослободат сите заложници под минимални услови, без барање за трајно примирје.