Без реакција од духовниот водач на Иран

И покрај тоа што иранскиот претседател и други високи функционери веќе го потврдија постигнувањето на прекин на огнот со Израел, иранската јавност сè уште го очекува ставот од врховниот лидер, ајатолахот Али Хаменеи. Тој е фигура со апсолутна моќ и последен збор во најважните одлуки во Исламската Република.

Како што потсетува Би-Би-Си, целото внимание и во Иран и во светот сега е насочено кон тоа дали и кога Хаменеи ќе се огласи. Тој не е виден во јавност од нападот на Израел на 13 јуни, а последната порака која официјално беше објавена била однапред снимено видео.

Последна снимка — критика за Трамп

„Хаменеи на 18 јуни преку видео обраќање го одби повикот од претседателот на САД, Доналд Трамп, за она што тој го нарече ‘безусловна предаја’“, наведува Би-Би-Си, посочувајќи дека тоа беше и последното појавување на ајатолахот во било каква форма.

Оттогаш, нема ниту една негова нова изјава. Нема изјава – ниту во живо, ниту снимена. Иако во меѓувреме преку неговиот профил на платформата Х (поранешен Твитер) се објавуваа ставови и пораки, тие престанаа веднаш по објавата за примирјето.

Последната негова средба во живо со државни претставници датира од 11 јуни, кога бил забележан со членови на иранскиот парламент. Ваквото молчење создава простор за шпекулации околу иднината на договорот за прекин на огнот, но и за внатрешнополитичките насоки на Иран.