Хамнеи е мртов
Висок израелски функционер во изјава за Ројтерс тврди дека врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, е мртов и дека неговото тело било пронајдено. Освен него, се шпекулира дека е убиена и целата фамилија. Слични информации, повикувајќи се на израелски извори, пренесоа и повеќе медиуми, но од Техеран засега нема официјална потврда за овие наводи.
Според израелските медиуми, телото на Хамнеи било пронајдено во урнатините на неговата палата, додека „Иран Интернешнл“ и израелскиот Канал 12 објавија дека на премиерот Бенјамин Нетанјаху му била презентирана документација поврзана со наводната смрт.
Нетанјаху тврди дека Хамнеи е убиен: „Постојат сè повеќе знаци дека тиранинот повеќе не е жив“
Од канцеларијата на врховниот лидер, пак, порачаа дека „непријателот посегнува по ментална војна“ и повикаа јавноста да биде внимателна. Хамнеи не се појавил во јавноста ниту се обратил откако започнаа нападите.
Уништен комплекс во Техеран
Иранската агенција Тасним соопшти дека седум ракети погодиле подрачје во близина на претседателската палата и комплексот на врховниот верски водач во Техеран. Сателитските снимки, според извештаите, покажуваат дека резиденцијата на Хамнеи е целосно уништена.
Претходно, иранските медиуми објавија дека тој бил префрлен на безбедна локација надвор од главниот град, додека беше соопштено дека претседателот Масуд Пезешкијан е „безбеден и здрав“.
Од револуционер до врховен лидер
Али Хамнеи, роден во 1939 година во Машхад, потекнува од семејство на свештеници и религиозното образование го стекнал во родниот град. Во текот на 1960-тите бил во егзил поради политичкиот ангажман против шахот, а по Исламската револуција во 1979 година станал близок соработник на ајатолахот Рухолах Хомеини.
По смртта на Хомеини во 1989 година, Собранието на експерти го назначи за врховен лидер, позиција од која има последен збор за клучните политики, командува со вооружените сили и ја контролира Револуционерната гарда.
Наследството и внатрешните тензии
Неговото повеќедецениско владеење се одразува врз влијанието на Иран на Блискиот Исток, особено преку поддршката за Хамас и Хезболах. Смртта на поранешниот претседател Ебрахим Раиси во 2024 година ја отвори темата за наследството, при што како можен кандидат се споменува и неговиот син Моџтаба Хамнеи.
Во изминатиот период, Иран се соочи со масовни протести предизвикани од економската криза и политичките ограничувања. Безбедносните сили одговорија со жестока репресија, при што, според различни проценки на организации за човекови права, бројот на жртви се движи од повеќе илјади до десетици илјади лица.
