Иранскиот врховен лидер Али Хамнеи првпат јавно призна дека за време на неодамнешните протести во земјата биле убиени илјадници луѓе, дел од нив, како што рече, „на нехуман и дивјачки начин“.
Според податоците на иранската новинска агенција за човекови права HRANA, во насилниот одговор на безбедносните сили загинале најмалку 3.090 лица, додека активистички организации предупредуваат дека вистинскиот број на жртви може да биде значително поголем. Поради речиси целосното исклучување на интернетот, точни информации од теренот тешко се добиваат.
Во обраќање во саботата, Хамнеи за смртта на демонстрантите ги обвини Соединетите Американски Држави, откако американскиот претседател Доналд Трамп јавно ги повика иранските граѓани „да продолжат со протестите“ и предупреди дека САД би можеле воено да реагираат доколку безбедносните сили продолжат со убиства.
ИЛЈАДНИЦИ УБИЕНИ ВО ПРОТЕСТИТЕ ВО ИРАН
Протестите започнаа на 28 декември поради тешката економска состојба, но набргу прераснаа во отворени повици за крај на владеењето на врховниот лидер. Иранските власти демонстрациите ги опишаа како „немири“ поттикнати од странски непријатели.
Демонстрантите беа пречекани со смртоносна сила, а видео-снимки на кои се гледа како безбедносните сили пукаат врз цивили беа потврдени од BBC Persian и BBC Verify.
Паралелно со репресијата, во земјата беше воведен речиси целосен прекин на интернет и комуникациските услуги. Според мониторинг-организацијата NetBlocks, интернет-поврзаноста во саботата изнесувала околу два процента од вообичаеното ниво.
Иако во последните денови има помалку извештаи за судири, поради ограничениот пристап до интернет состојбата на теренот останува нејасна. Жителка на Шираз за BBC Persian изјави дека безбедносните сили и натаму патролираат, но дека секојдневниот живот постепено се нормализира.
Во истиот говор, Хамнеи го нарече американскиот претседател Трамп „криминалец“ и порача дека САД мора да бидат „одговорни“ за немирите, додавајќи дека „целта на Америка е да го проголта Иран“.
Американската администрација засега официјално не одговори на овие обвинувања. Од Стејт департментот, сепак, соопштија дека располагаат со информации оти Иран разгледува можни напади врз американски воени бази и предупредија дека таков потег би предизвикал „исклучително силен одговор“.
Изјавите доаѓаат во период кога Соединетите Американски Држави и Велика Британија делумно го повлекоа својот персонал од воздухопловната база Ал-Удеид во Катар, потег што американските власти го опишаа како превентивна мерка.
