Околу 14.000 патници во изминатите 24 часа ја преминале македонската граница на граничниот премин Богородица на пат кон Грција, информираат од Министерството за внатрешни работи. Според податоците до 10 часот утринава, околу 3.000 македонски државјани ја напуштиле државата преку овој премин, додека најголемиот дел, околу 11.000, биле странски државјани.
Од МВР велат дека од македонска страна не се регистрирани поголеми застои на граничните премини кон Грција. Надлежните посочуваат дека се ангажирани сите расположливи човечки и технички ресурси за побрз проток на патници и ефикасна гранична контрола.
Сепак, искуствата што граѓаните ги споделуваат на социјалните мрежи се различни. Дел од патниците наведуваат дека поминале без задржување, додека други пријавуваат чекање до еден час, особено кај автобусите.
Автобускиот сообраќај се издвојува како најкритична точка, поради зголемениот број автобуси забележани на преминот утринава. Засилениот интензитет на сообраќај се поврзува со продолжениот празничен викенд, но и со примената на новиот систем за влез и излез на Европската унија – ЕЕС, кој стапи во сила на 10 април.
Во однос на можните олеснувања, портпаролот на грчката Влада изјави дека регулативата за ЕЕС им овозможува на земјите-членки одредена флексибилност при справување со зголемен притисок на границите. Како што беше нагласено, Грција внимателно ќе ја следи состојбата и ќе презема соодветни мерки за поефикасно опслужување на патниците, во рамки на важечките правила.
