Струшкиот паркинг претворен во хаос со спортски автомобили
Хаос со спортски автомобили ја потресе Струга ноќеска. Повеќе од 500 млади и околу 120 спортски и луксузни возила предизвикале сериозно нарушување на јавниот ред на паркинг во градот. Полицијата интервенирала и одзела пет возила, а биле најавени санкции и постапки по други прекршоци.
Инцидентот се случил рано утринава (5 август 2025), во периодот од 00:30 до 02:00 часот. Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, на терен интервенирале полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Струга.
На местото било затекнато масовно собирање со спортски автомобили, проследено со бучни демонстрации, опасни движења со возила и непочитување на полициските наредби.
„Лицата не постапиле по дадените наредби, по што биле ангажирани дополнителни полициски сили и состојбата е ставена под контрола“, велат од МВР.
Во согласност со член 344 од Законот за безбедност на патниот сообраќај, биле одземени пет возила. Констатирани се осум дополнителни прекршоци и, како што информира полицијата, „по целосно документирање на случајот, ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“.