Веќе пет месеци граѓаните на Скопје имаат проблем со јавниот превоз кој е во тотален хаос бидејќи приватните превозници не учествуваат во транспортот, ЈСП нема доволно автобуси, а и тие кои ги има се полуисправни.
Во овие пет месеци е голем предизвик да се стигне на работа, во училиште, на лекар или пак да се заврши некоја потреба. Апликацијата за возен ред не работи, автобусите доаѓаат некогаш на секои 40 минути, некогаш на еден час, а и кога ќе дојдат се распуваат по само две поминати станици. Возачите се нервозни, без одговор на нервозата на патниците на кои животот им се претвори во вежбање трпение за чекање.
Инаку градоначалничката Данела Арсовска откако го раскина договорот со приватните превозници, тврдејќи дека е штетен, преку јавен повик сакаше да обезбеди 100-тина возачи и 50 приватни автобуси но со лимитирани автобуски линии.
Приватните превозници чекаат Град Скопје повторно да распише оглас за доделување пакет-линии и за давање дозвола за линиски превоз на патници. Во комуникациите што ги имале со Арсовска добиле информација дека ќе биде распишан нов оглас, откако двата претходни пропаднаа, бидејќи на нив не се јави никој, а приватните превозници револтирани од тоа што Град Скопје, односно ЈСП не им го исплаќа долгот, ги бојкотираа.
Тие сега чекаат нов повик кој им бил ветен, но не знаат кога ќе се случи, а од Град Скопје пак молчат. Редакцијата на ЦИВИЛ Медиа испрати прашања кога ќе биде објавен новиот повик до кабинетот на Арсовска, а во телефонски разговор оттаму потврдија дека ги примиле, но одговор веќе неколку дена не пристигна.
Чекаме да се распише нов јавен оглас за сите линии кои ги возат приватните превозници, па да аплицираме со понуда, вели за ЦИВИЛ Медиа Јовица Зафировски, член на новоформираното Координативно тело на приватните превозници.
Тој вели дека најбитно е што е остварена комуникација со Град Скопје и затоа им е оставено време да се реализира ветеното, бидејќи најважно е дека сопствениците на автобусите се подолг период без приход и навистина сакаат да се вратат на скопските улици.
Што рече Арсовска, а што прави?
Арсовска на почетокот на месецот ги прими на разговори претставниците на новиот совет на приватните превозници, а тие после средбата рекоа дека добиле позитивни сигнали од градоначалничката Арсовска за да се вратат на работа и да им се плати долгот. Но, не открија детали како ќе се најде решение и кога автобусите ќе се вратат на улиците на главниот град.
-Верувам дека со приватните автобуски превозници треба да се разговара и за сите проблеми да се најде решение, меѓутоа тоа во ниту еден случај не смее да биде на штета на Градот Скопје, а Градот и скопјани претрпеа сериозна штета од нивните постапки и однесување. Објавивме јавни повици на коешто викавме сите коишто имаат намера и коишто декларативно кажуваат дека и претходно чесно работеле и чесно ја вршеле својата дејност и сега да пристапат кон тоа и да можат да ја работат чесно работата во којашто практично се вложиле себеси или инвестирале за да ја вршат како дејност. Меѓутоа, за жал, никој од нив не се охрабри, не се појави на тој јавен повик, со што сметам дека оваа тема е и затворена, истакна тогаш Арсовска.