Хаосот во ЈСП не престанува. Денеска, автобус што сообраќаше кон Злокуќани се запали во движење. За среќа, нема повредени патници. Противпожарните екипи реагираа навреме, а причините за инцидентот сè уште се истражуваат.
Град Скопје и ВМРО-ДПМНЕ во меѓусебни обвинувања
По настанот, од Град Скопје обвинија дека владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски се одговорни за тековниот хаос во ЈСП. Тврдат дека блокадата во Советот е главната причина за лошата состојба во претпријатието.
„Единствен виновник за континуираната криза во ЈСП е Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, чии советници, предводени од Трајко Славевски, веќе три години не гласаат за замена на дотрајаните автобуси со нови, ниту за решавање на хаосот што самите го предизвикуваат во јавниот превоз“, стои во соопштението на ЈСП.
Недоволна искористеност на доделените средства
Сепак, фактите покажуваат поинаква слика. Во последните две години, ЈСП доби субвенции од околу 23 милиони евра со поддршка на советниците од ВМРО-ДПМНЕ. Овие средства беа наменети за решавање на проблемите, редовно функционирање на автобусите и навремена исплата на платите за вработените, што беше ветено од Град Скопје. Но, состојбата остана непроменета.
Проблеми во јавниот превоз и незадоволство кај граѓаните
Вработените неколкупати штрајкуваа поради доцнење на платите. Многу автобуси остануваат во гаражите поради недостиг на гориво, а оние што сообраќаат често се технички неисправни. Резултатот се сериозни инциденти: автобуси излетуваат од патот како во Раштак, удираат во објекти како кај „Мавровка“, или се запалуваат во движење, како денешниот случај во Злокуќани и неодамнешниот во Бутел.
Граѓаните се чувствуваат изманипулирани и најавуваат протести
На автобуските постојки владее нервоза. Граѓаните чувствуваат дека повторно се изневерени. Град Скопје им вети редовни линии, но само три дена подоцна, тие повторно чекаат со часови за да стигнат до своите дестинации.
„Нема редовни линии, многу е слабо“, вели еден граѓанин.
„Чекам еден час за 22-ка, никаде ја нема“, нервозно изјавува една граѓанка.
„Многу е лошо, автобусот број 15 за Лисиче никаде го нема. Автобусите се стари и доцнат“, додава друга граѓанка.
За петок, граѓаните најавија мирни протести пред Град Скопје.
Недостапност на одговорни лица во ЈСП
Во меѓувреме, директорот на ЈСП, Драги Кушовски, не одговара на телефонските повици веќе неколку дена. Нема одговор ниту од одделот за односи со јавност при ЈСП. Останува неодговорено прашањето до кога скопјани ќе бидат принудени да се возат во небезбедни и технички неисправни автобуси.
Потребни се итни мерки за решавање на хаосот во ЈСП
Хаосот во ЈСП станува неподнослив за граѓаните на Скопје. Потребни се итни и ефективни мерки за да се обезбеди безбеден и редовен јавен превоз. Без соработка меѓу институциите и преземање одговорност од надлежните, проблемите само ќе се продлабочуваат.