Нападите ја исцрпуваат иранската одбрана
Министерот за одбрана на САД, Пит Хегсет, најави дека денеска ќе бидат извршени најинтензивните американски напади на иранска територија од почетокот на конфликтот. Тој изјави дека според податоците од теренот, американските операции постепено ја ослабуваат одбраната на Иран и ја намалуваат неговата способност за напади врз соседните земји и американските сили.
Хегсет посочи и на намалениот број ирански ракетни напади во последното деноноќие.
„Во последните 24 часа Иран го истрелал најмалиот број ракети досега“, изјави Хегсет.
„Тоа е силен доказ за деградација на моќта на Иран“, додаде тој.
Техеран најавува продолжување на борбата
И покрај намалената огнена моќ, Исламската Република порача дека ќе ја продолжи борбата. Во меѓувреме, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел силно го притиска Иран.
„Му ги кршиме коските“ на Иран, изјави Нетанјаху, додавајќи дека целта на војната е народно соборување на иранската влада, пренесе Бета.
Трамп испрати спротивставени сигнали за времетраењето на војната
Американскиот претседател Доналд Трамп во изминатите денови испрати различни сигнали за тоа колку долго би можела да трае војната. Таквите изјави вчера предизвикаа нагли осцилации на финансиските пазари и на пазарите на горива.
Денеска, според извештаите, американската берза и цените на нафтата се релативно стабилни. Хегсет потсети и на вчерашната изјава на Трамп дека нападите врз Иран би можеле значително да се засилат.
Трамп предупреди дека САД ќе ги зголемат ударите за 20 пати доколку Иран го запре протокот на нафта низ Ормускиот теснец.
