Американскиот министер за одбрана оцени дека досегашните разговори биле продуктивни
САД гледаат можност за постигнување договор со Иран за прекин на конфликтот, но конечната одлука ќе зависи од тоа дали предложеното решение ќе ги задоволи американските интереси и глобалната безбедност. Ова го изјави американскиот министер за одбрана Пит Хегсет за време на неговиот престој во Сингапур.
Хегсет посочи дека преговорите меѓу двете страни досега се одвивале во позитивна насока.
„Секој договор што претседателот е подготвен да го прифати, ќе го прифати само ако смета дека е одличен договор за нашата земја и за безбедноста на светот“, изјави Хегсет пред новинарите во Сингапур, каде што е на меѓународната конференција за одбрана „Шангра-Ла Дијалог“.
Тој оцени дека САД во моментов се наоѓаат во добра позиција за постигнување договор и додаде дека разговорите со Иран биле продуктивни.
Иран знае што треба да направи
Американскиот министер за одбрана порача и дека Техеран е запознаен со условите што треба да ги исполни за да се дојде до договор со Вашингтон.
„Иран знае што треба да направи“ за да постигне договор со САД, рече Хегсет, пренесува Ал Џезира.
Неговите изјави доаѓаат во период кога вниманието на меѓународната јавност е насочено кон можноста за дипломатско решение и намалување на тензиите меѓу САД и Иран.
