Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет одби да потврди дека САД остануваат цврсто посветени на колективната одбрана на НАТО, наведувајќи дека конечната одлука ќе зависи од претседателот Доналд Трамп, по несогласувањата со европските сојузници околу војната против Иран.

Изјавата, дадена на брифинг во Пентагон, Ројтерс ја оценува како невообичаена, со оглед на тоа што колективната одбрана е темел на Алијансата основана во 1949 година, пренесува БТА.

Секој сигнал дека САД би можеле да не ги бранат сојузниците во случај на напад од Русија или друг противник би можел сериозно да го ослаби НАТО, дури и ако Трамп не одлучи целосно да се повлече од Алијансата, што би барало одобрување од Конгресот, наведува агенцијата.

Експертите долго предупредуваат дека ваквите изјави може да ја охрабрат Русија да ја тестира подготвеноста на НАТО да го активира Членот 5, кој предвидува дека напад врз една членка се смета за напад врз сите.

На прашање дали САД остануваат посветени на колективната одбрана, Хегсет изјави: „Што се однесува до НАТО, тоа е одлука што ќе ја донесе претседателот. Но ќе кажам дека многу работи излегоа на виделина“.

Тој индиректно се повика на објавите на Трамп на социјалните мрежи, во кои беше критикувана Франција што не дозволи прелет на американски воени авиони кон Израел, како и Велика Британија за неприклучување кон воените операции против Иран.

Трамп изјави дека САД „не се должни да го поддржуваат НАТО“.

– Не може да се зборува за вистински сојуз ако има држави кои не се подготвени да застанат на ваша страна кога е потребно. Тој само укажува на тоа, а на крајот тој ќе одлучи како ќе изгледа сè – рече Хегсет.