Израелскиот претседател Исак Херцог денеска ги повика претставниците на Европскиот парламент да работат на искоренување на антисемитизмот во Европа.

Херцог денеска ги повика претставниците на Европскиот парламент да работат на искоренување на антисемитизмот во Европа и да ја усвојат дефиницијата за антисемитизам од Меѓународниот сојуз за сеќавање на холокаустот.

Отворајќи ја свечената комеморативна седница во Брисел, претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола го нарече холокаустот „најголемото злосторство во историјата“, соопшти Канцеларијата на Европскиот парламент во Република Хрватска.

„Злосторство што требаше да избрише еден народ од земјата. Злосторство дизајнирано за предизвикување ужас за генерациите. Злосторство што го обликуваше нашиот модерен европски проект во олицетворение на безвременско ветување: Никогаш повеќе“, рече таа.

Таа посочи дека холокаустот не се случил преку ноќ и дека звоната за узбуна требало да бијат многу пред тоа.

„И покрај годините што поминаа, и натаму е клучно да продолжи да се одбележува холокаустот бидејќи антисемитизмот сè уште постои и затоа што ова е последната генерација што слуша директно сведоштва од преживеаните од холокаустот“, рече Мецола.

Европскиот парламент секогаш ќе ги брани вредностите на почит, човечко достоинство, еднаквост и надеж, вети таа и додаде дека Парламентот никогаш нема да молчи во својата борба за одбрана на човечките вредности и спречување на омраза и дискриминација.

Израелскиот претседател Херцог го започна својот говор со зборовите: „Денес стојам пред вас како претседател на државата Израел, демократската национална држава на еврејскиот народ, но моето срце и мисли се со моите браќа и сестри убиени во холокаустот. Нивното единствено злосторство беше еврејството и човечноста“.

„Европа не би можела да биде тоа што е без Евреите“, рече Херцог, но антисемитизмот, „како автоимуна болест“ ја доведе Европа до тоа да нападне дел од сопствената ДНК-а, бришејќи ја заедничката илјадагодишна историја.

Тој нагласи дека овој антисемитизам не се појавил во вакуум и дека „нацистичката машина на смртта немаше да може да ја спроведе својата кошмарна визија доколку не најдеше тло оплодено со омраза кон Евреите“.

Според неговото мислење, антисемитизмот е сè уште жив, а негирањето на холокаустот сè уште постои, во нови форми, што се шири преку нови канали, особено на Интернет.

„Растојанието помеѓу објавата на Фејсбук и кршењето на надгробните споменици на гробишта е пократко отколку што може да мислиме. Болните твитови можат да убијат, тие навистина можат. Европа има клучна улога во одвраќањето на тој антисемитизам, посочи Херцог.

Повикувајќи ги пратениците да не стојат настрана пред се’ поголемиот антисемитизам, Херцог побара од нив „да ги прочитаат знаците за предупредување, да ги откријат симптомите на пандемијата на антисемитизмот и да се борат против неа по секоја цена“.

„Морате да се погрижите секој Евреин кој сака да живее целосен еврејски живот во вашите земји да може да го направи тоа безбедно и бестрашно. Со помош на образованието, законодавството и сите други алатки што им се на располагање, претставниците во Европскиот парламент и ЕУ треба да се обврзаат на искоренување на расизмот, омразата и антисемитизмот во сите форми“, рече Херцог.

Тој, исто така, го повика Европскиот парламент целосно да ја усвои дефиницијата за антисемитизам на Меѓународниот сојуз за сеќавање на холокаустот.

Тој нагласи дека „критиката на државата Израел не смеат да ја преминат границата и да станат негација на правото на егзистенција на таа држава на еврејскиот народ“.